Нова дигитална компилација на Битлси

Ова е ден за проба за „Аби роуд“, групата што изведува нумери на Битлси во Шарлотсвил, Вирџинија. Се работи за долгогодишни љубители на музиката на Битлси кои со нетрпение го чекаат својот следен настап.

Тие имаат концерт во локална музичка продавница во чест на објавувањето на новиот дигитален каталог на Битлси, комплетна колекција на нумерите на оваа група. Основачот на „Аби роуд“, Пол Олко, вели дека најновите случувања само помагаат да се разбудат сеќавањата од детството, од првите турнеи на Битлси низ САД.

„Секако дека се сеќавам на нив, како гости на шоуто на Ед Саливен, се сеќавам на бескрајното врескање на обожавателките, на невообичаениот карактер на членовите на оваа група и нивниот релаксиран начин на справувањето со медиумите. Во сите нивни интервјуа имаше хумор“, вели Олко.

Пред четири години, откако сите документи беа потпишани од сопствениците на каталогот, инженерите со најсовремена технологија започнаа да работат на прочистување на звукот на песните од сите 12 албуми на Битлси. Преработените компакт дискови на слушателите ќе им дадат можност да изберат меѓу моно и стерео звук, а ќе содржат и оригинални уметнички материјали и мини документарни прикази за изработката на секој од албумите.

Во продажба ќе биде пуштена и видео играта „Битлс рок гејм“, која овозможува шест луѓе да свират 45 нумери на Битлси преку контролни копчиња кои емитираат звуци на инструменти.

Во денешно време, профитот од видео игри ја надминува добивката од музичките албуми и холивудски филмови. Аналитичари од индустријата велат дека видео играта е начин да се зголеми профитот и да се промовира музиката на Битлси кај помладата публика.

Се` уште е отворено прашањето за тоа дали каталогот на Битлси ќе може да се купи преку Интернет. Компанијата „Епл“, веќе најави прес-конференција на денот на објавувањето на колекцијата албуми, засилувајќи ги шпекулациите дека е потпишан договор за користење на нумерите преку „Ај-Тјунс“. Допрва ќе се дознае дали али има или нема таков договор, а во меѓувреме музичкиот магазин „Билборд“ предвидува одлична продажба.