Четири години по Катрина: Расните тензии опстојуваат

Пред четири години, поплавите од ураганот Катрина уништија поголем дел од Њу Орлеанс. Илјадници евакуирани беа транспортирани во други градови, претежно Хјустон, во сојузната држава Тексас. Додека на градот му се оддава признание за неговите напори да прими евакуирани лица, последното истражување покажа дека граѓаните од овој град не се многу отворени кон дојденците.

Кога Џејсон Шелтон дошол во Хјустон од Охајо една година по ураганот Катрина бил изненаден од некои од кажувањата на сограѓаните Афро-американци или повеќето од 150.000 лица кои биле евакуирани од Њу Орлеанс и нашле прибежиште во Хјустон.

Додека во Охајо Афро-американците изразиле солидарност со евакуираните и оддале почит кон напорите на Хјустон да им помогне, Шелтон дошол до сознание дека многумина хјустонски Афроамериканци изразиле непријателство спрема дојденците. Тој објаснува како размислуваат тие:

„Овие луѓе доаѓаат тука и се мешаат во нашиот начин на живот. Работите се добри во Хјустон, а тие прават да се чувстуваме лошо", вели тој. Шелтон вели дека бил фасциниран од нивните размислувања.

Шелтон дошол во Хјустон да врши социолошки истражувања при Универзитетот Рајс и се фокусирал на евакуираните лица од Њу Орлеанс и нивното прифаќање или неприфаќање од различни расни групи.

По двегодишно истражување и анализирање на податоците, Шелтон, кој сега е на Универзитетот на Тексас во Арлингтон, објави извештај заедно со ко-авторот Никол Колман, насловен: „По бурата – колку расата, класата и грижите за имиграцијата влијаат врз перцепцијата за евакуираните од Катрина".

Студијата покажала дека непријателскиот однос спрема евакуираните бил силен и по една година, но потоа почнал да опаѓа кај афро-американската заедница, најмногу поради напорите на црнечките лидери за јакнење на похуманитарен однос кон „ браќата и сестрите од Њу Орлеанс".

Но, Шелтон вели дека негативниот однос спрема евакуираните останува силен меѓу белците.

Повеќето од антипатијата кон евакуирани е базиран на идејата дека тие се „дојденци"; луѓе кои дошле да ја искористат предноста од владината помош и можности за пронаоѓање работа пред жителите кои со години живеат во Хјустон.

Џејсон Шелтон вели дека тензиите во некои делови од градот се зголемени и меѓу црнечкото население и хиспанците, каде на површина излегува конкуренцијата за работа.

Тој додава дека иако старите проблеми нема да исчезнат преку ноќ, сепак е можно надминување на поделбите и пронаоѓање начин за соживот.

Истражувањето за евакуираните од Катрина на Џејсон Шелтон и Никол Колман беше објавено во септемврискиот број на магазинот Social Science Quarterly.