Опоравувањето на економијата во САД – оптимизам со задршка

Нов економски извештај донесе охрабрувачки вести за два проблематични сектори во американската економија – производството и пазарот на домување.

Истражувањето од бизнис групацијата Институт за менаџмент на снабдувањето, покажа дека американското производство пораснало во август за прв пат по една и пол година.

Во друг извештај, на Националната асоцијација на агенти за недвижнини, се наведува дека продажбата на домови во јули достигнала највисоко ниво во последните две години.

Овие извештаи се доказ дека забавената американска економија излегува од најдолгата рецесија со децении, во време кога владините напори за подобрување на пристапот до кредити и враќање на довербата почна да покажува резултати.

Но, некои економисти остануваат загрижени дека економијата можеби нема да создаде доволно работни места за одржлива силна обнова.
Подобра слика за актуелниот американскиот пазар на работната сила, ќе се стекне в петок, кога владата ќе ги објави најновите цифри за невработеност.