Почина сенаторот Едвард Кенеди

Американскиот сенатор Едвард Кенеди, најмладиот брат на починатиот американски претседател Џон Ф. Кенеди и еден од највлијателните законодавци во американската историја, почина на возраст од 77 години.

Семејството на Кенеди вели дека тој починал доцна во вторникот во неговиот дом во малиот град во Масачусетс, Хајанис Порт. Демократскиот сенатор последната година страдаше од неизлечива форма на рак на мозокот.

Соопштението објавено од семејството го опишува како „незаменлив центар на нашето семејството и радосна светлина во нашите очи."

Тој беше отсутен од американскиот Сенат заради болеста, што го принуди да работи од дома на прашањето што беше негов заштитен знак – националниот здравствен систем.

Кенеди го претставуваше Масачусетс во американскиот Сенат од 1962, кога беше избран на местото што претходно го држеше претседателот Кенеди. За време на сенатската кариера тој беше силен поборник за либерални каузи, меѓу кои и за граѓански права, образование и имиграција, покрај здравствената заштита.

Претседателот Барак Обама, кого Кенеди го поддржа за време на претседателската кампања во 2008, неодамна му ја додели наградата Медал на слободата на болниот сенатор.

Во јануари сенаторот колабираше за време на ручек во ротундата на американскиот Капитол по инаугурацијата на претседателот Обама.

Кенеди беше силен, гласен критичар на Виетнамската војна и на инвазијата предводена од САД на Ирак во 2003. Неговата страстна и непоколеблива определба и погледи, со големото значење што го имаше во сенатскиот дом, како и неговата способност да работи со членови од двете партии, му го донесоа прекарот „Лав на Сенатот".


Неговиот личен живот беше проткаен со трагедија и скандал. Врз неговите двајца постари браќа, претседателот Џон Ф. Кенеди и сенаторот Роберт Кенеди, беа извршени атентати. Во 1969, тој беше во автомобилска несреќа на остров во Масачусетс при што загина неговата сопатничка. Тој подоцна призна дека е виновен што го напуштил местото на несреќата.

Неговиот прв брак, со Џоан Бенет Кенеди, заврши со развод во 1982 по 24 години заедно. Се ожени по втор пат, со Викторија Реџи, и има три деца од претходниот брак и неколку внуци.

Неговата автобиографија, „Вистински компас" треба да излезе од печат следниот месец. Поголем дел од материјалот за книгата дошол од проектот на орална историја во кој учествуваше со Универзитетот од Вирџинија од 2004.