Американците лути и загрижени, не само за здравствената заштита

Планот на претседателот Барак Обама за реформи во американскиот систем за здравство очигледно го допре нервот кај многумина за време на националните дебати организирани низ целата држава.

„Луѓето сакаат помала улога на владата. Тие тоа не го сфаќаат. Сакаме да не остават намира", вели еден од присутните на овие јавни средби.

Сепак, на повеќето од овие дебати, лутината и стравот се показатели дека загриженоста кај Американците го надминува прашањето за здравствена грижа.

„Се работи за систематско растурање на оваа земја. Го разбудивте џинот кој спиеше. Уморни сме од сево ова. Токму затоа сите насобрани се вознемирени. Не сакам САД да се претворат во Русија, во социјалистичка земја", вели жена, исто така една од присутните на јавните дебати.

Некои поддржувачи на реформите во здравствениот систем велат дека некои од средбите се толку хаотични, што тие решиле – да молчат.

Некои од демократите ги обвинуваат дел од демонстрантите за обид за подривање на демократијата. Така на пример, демократскиот конгресмен од од Њујорк, Џеролд Надлер, вели дека е убеден оти намерата била да се дебатира со членовите на Конгресот, туку сите да се замолчат, да се спречи интелигентна дискусија. Тој ова го опишува како анти-демократска, фашистичка тактика, која е едноставно погрешна.

Политичките експерти веруват дека жестоката национална дебата околу здравствената грижа брзо се проширила на аргументирање за тоа колку владата треба да биде вмешана во економијата.

Дејвид Герген бил советник на четири американски претседатели, а сега предава на универзитетот Харвард во Масачусетс. Тој вели: „Јасно е дека одредени противници на реформите во здравството, не само што се засегнати од актуелната дебата по ова прашање, туку се и вистински загрижени во која насока ќе се упати претседателот, колку брзо ќе го направи тоа, колку владата ќе биде вмешана, колкав ќе биде дефицитот".

Дебатата на неколкупати беше жолчна. Некои демонстранти администрацијата на Обама ја споредуваа со нацистичка Германија, а одредени групи дури го поставуват прашањето дали Обама воопшто е американски државјанин и покрај фактот што тој има официјален извод на родени од сојузната држава Хаваи.

Освен тоа, групи за заштита на граѓанските права во најнов извештај стравуваат дека се зголемува бројот на анти-владините паравоени групи, некои со екстремни ставови. Тие се поттикнати и од слабата економија и расните предрасуди за првиот афро-американски претседател.

Ли Мирингоф од Универзитетот Марист од Њујорк, вели дека САД се длабоко поделени околу планот на претседателот Обама за реформи во здравството. Овој аналитичар смета дека лутината и стравот се симптоми на поголема грижа за иднината на земјата.

„Луѓето не се чувствуваат безбедно, за нивната економска ситуација, за здравствената грижа која им се нуди. Постои страв и мислам дека овие промени алудираат на едно – нервозен народ што е мошне, мошне загрижен дека во вакви услови на нестабилен живот, работите ќе одат само на полошо", вели Мирингоф.

Анналитичарот Дејвид Герген верува дека бурните расправи за време на дебатите ја ставиле администрацијата на Обама во позиција да се брани. Тоа пак, ги намалува шансите на претседателот да успее во своите намери.

Аналитичарите сепак се согласни дека ова е месецот што најмногу ќе влијае на судбината на здравствената заштита. Резултатот ќе се види штом законодавците наредниот месец ќе се вратат во Вашингтон.