Групата за заштита на човековите права, Хјуман Рајтс Воч со седиште во Њујорк, го обвинува авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, за „незамислива зделка“ со цел да биде реизбран на функцијата.
Хјуман Рајтс Воч вели дека Карзаи дозволил на сила да стапи контроверзниот закон за бракови, со само минимални промени, со цел да добие поголем број на гласови на изборите закажани за 20-ти август.
Критичарите на законот велат дека со тоа практично се легализира силувањето во бракот. Мерката му дозволува на мажот да има сексуални односи со сопругата на секои четири дена, а нејзе и` се забранува да го напушти домот, без дозвола од нејзиниот сопруг.
Авганистанските претставници порано годинава рекоа дека најпредизвикувачките елементи од законот се отфрлени. Сепак, Хјуман Рајтс Воч додаде дека финалната верзија на законот објавен кон крајот на минатиот месец, и натаму му дозволува на мажот да и ускрати храна на сопругата ако таа одбие да има сексуални односи со него.
Претседателот Карзаи засега нема одговорено на обвинувањата.