Нигерија вели дека производството на нафта е во пораст по понудата на владата на оваа земја да ги помилува милитантите стационирани кај устието на реката Нигер.
Нигерискиот министер за надворешни работи Оџо Мадуекве ова го изјави денеска за време на заедничката прес-конференција во Абуџа со американската државна секретарка Хилари Клинтон која се наоѓа во посета на оваа земја.
Мадуекве не изложи детали, но истакна дека „перцепцијата за враќање на мирот во земјата“, изминативе недели придонела за зголемување на производството на нафта.
Производството на сурова нафта во Нигерија изминативе три години значително беше намалено во услови на киднапирања и напади врз рафинериите од страна на милитантите со позиции околу реката Нигер.
Милитантите велат дека сакаат поеднаква дистрибуција на приходите од нафтата. Владата ги нарекува криминалци, но понуди амнестија за секој од нив кој ќе го предаде своето оружје.
Клинтон во текот на денот ќе се сретне и со нигерискиот претседател Умару Јар Адуа, како и со неколкумина верски лидери и претставници на невладини организации во земјата.
По Нигерија, Клинтон во рамки на турнејата низ Африка, ќе ја посети и Либерија и Кејп Верд, а кон крајот на неделава се враќа во Вашингтон.