Главниот здравствен претставник во Британија вели дека епидемијата на свински грип во земјата навидум достигнала врв. Од заразата починаа најмалку 27 лица и владата сега се подготвува за евентуален нов бран за време на есенската сезона на грип.
„Очекуваме нивото да остане исто извесно време, но есенва и зимава ќе дојде до пораст, како што беше случај со претходните епидемии“, изјави Лиам Доналдсон за Гласот на Америка.
Доналдсон смета дека зголемениот број на случаи подоцна годинава не значи дека Британија не се справува успешно со пандемијата.
„Вирус како овој може рапидно да се прошири, но засега имаме стабилна состојба – релативно блага болест кај повеќето луѓе. Па сепак, во мал обем таа задава сериозни проблеми, така што во нашиот систем за здравствена заштита имаме подготвено планови како да се справиме со нив“, вели Доналдсон.
Секоја недела во Британија се појавуваат околу 100.000 нови случаи, но официјални лица додаваат дека тоа е многу помалку отколку што се претпоставуваше. Со цел да го забави ширењето на вирусот и притисокот што заразата го создава врз здравствениот систем, владата во Лондон формираше систем против пандемија на грип на национално ниво, со што лицата кои се сомневаат дека се заразени може да добијат дијагноза и рецепт за антивирусни лекарства преку телефон или Интернет.
Доналдс вели дека Британија веќе пет години се подготвувала за пандемија, по стравувањата што се појавија со избивањето на птичјиот грип во 2003-та. Оваа земја ќе биде меѓу првите кои ќе добие вакцина – благодарение на постојните договори со фармацевските компании.
„Ќе добиеме некој вид на вакцина на почетокот на есента. Првично не ќе можеме да ги вакцинираме сите, така што ќе утврдиме приоритетни групи, но во текот на есента и зимата ќе добиеме големи количини благодарение на договорите што претходно ги имаме склучено со компаниите“, објаснува Доналдсон.
Владата во Лондон размислува и затворање на училишта со цел да го спречи ширењето на вирусот. Засега тоа нема да се случи, вели главниот здравствен претставник на Британија, затоа што, како што рече, премногу би се нарушил нормалниот тек на живеење.