Во тајна операција, активист од Shared Hope International, група која спасува жртви на сексуално трафиканство, направил договор со макро на улица во САД. Настанот покажал дека проституцијата на млади девојки и деца не е проблем само на земјите во развој.
Поранешната конгресменка Линда Смит, основач на организацијата, ја објаснува сериозноста на проблемот на брифинг на конгресниот кокус за заштита на правата на жртвите:
„Нашето истражување покажа дека ова се случува насекаде во САД. Мојата прва мисла беше – не и во мојот град. Да, се случува и во мојот град“.
Во истражувањето се документирани случаи на трговија на деца за сексуална злоупотреба низ целата земја – од Флорида до Невада, од големи градови до рурални области.
Според извештајот, просекот на возраст на деца вклучени во проституција во САД е меѓу 12 и 14 години.
Многумина побегнале од дома и западнале во илегална трговија за сексуална злоупотреба од мажи кои им понудиле засолниште. Некои се навлекле на дрога, понекогаш нивните макроа ги дрогирале да ги држат под контрола. Тепањата и физичките закани се секојдневна појава во нивниот живот.
Но, поборниците за заштита на децата во трговијата со сексуална злоупотреба велат дека и покрај маките низ кои минуваат, честопати децата се идентификувани како криминалци, се апсат и се ставаат во затвор или во поправни домови. Ерни Ален е претседател и извршен директор на Националниот центар за исчезнати и злоставувани деца вели: „Овие деца се жртви. Ова е ропство од 21-от век. Немаат можност да избегаат. Макроата кои ги злоупотребуваат се криминалци, како и оние кои ги штитат“.
Републиканскиот конгресмен Тед По од Тексас, ко-претседавач со конгресниот кокус за права на жртвите, рече дека има поголема заштита за странците во сексуалната трговијата во САД отколку за американските државјани: „Ако сте странец и сте во САД и се инволирани во трговија, полицијата ќе ве третира како жртва во криминал. Но, ако сте Американец и се најдете во раце на трговец кој ве злоставува и потоа ве продаде надвор од САД, ќе бидете третиран како криминалец“.
Експертите се согласни дека најдобар начин за справување со трговијата на деца за сексуална експоатација е полицијата да се фокусира на елиминирање на побарувачката за вакви услуги.