Шефер: НАТО е од клучно значење за светскиот мир

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, кој наскоро ќе замине од функцијата, истакна дека мисијата на Алијансата во Авганистан е неопходна за меѓународната безбедност и дека заминувањето од земјата, ќе овозможи враќање на Ал Каида.

Шефер истакна дека НАТО не смее да го напушти Авганистан, иако тоа значи предизвик за земјите членки на Алијансата кои имаат свои трупи во оваа земја.

„Доколку заминеме и загубиме, последиците би биле очајни, не само за Авганистан, Пакистан и регионот, туку секако и за Британија, или Холандија или Белгија“, рече првиот човек на НАТО.

Шефер додаде дека доколку Авганистан падне во рацете на Талебан, екстремизмот ќе се прошири и Ал Каида ќе има одврзани раце за проширување на своите глобални терористички амбиции.

Генералниот секретар на НАТО истакна дека во 21-от век, употребата на сила е неопходна во Авганистан и насекаде, главно поради променливата природа на ризикот по безбедноста.

„Мораме да го прифатиме фактот дека денешниот безбедносен ангажман во далечни места – е опасен ангажман. Тоа е и скап ангажман и можам да кажам дека не е секогаш гаранција за успех“, изјави Шефер.

Критиката вели дека активностите на НАТО во Авганистан, покажале недостатоци во редовите на Алијансата – недоволно политичка волја меѓу членките, слаба логистичка координација и нестабилна командна структура.

Доколку сака прогрес, додава Јап де Хоп Шефер, НАТО мора да има пофлексибилни борбени сили, да го прошири својот политички дијалог и да развие глобално партнерство, вклучувајќи го и креирањето на структури во кои ќе можат да учествуваат и земји кои не се членки на Алијансата.

Шефер го нарече НАТО вечна алијанса, која сепак мора да се адаптира на околностите.

Јап де Хоп Шефер заминува од функцијата на 31-ви јули, а негов наследник ќе биде поранешниот премиер на Данска, Андреас Фон Расмусен.