Обама се сретна со Папата во Ватикан

Американскиот претседател Барак Обама се сретна со Папата Бенедикт во Ватикан за редица меѓународни прашања, како и човековите права.

Во изјавата што ја издаде Ватикан по средбата, како главни прашања за кои станало збор се наведуваат одбраната и промоцијата на човековиот живот, како и правото на слобода на свест. Изјавата наведува дека дискусијата била посветена и на имиграцијата, блискоисточниот мировен процес, глобалната економска криза и нејзиното влијание врз количините на храна и развојна помош, особено за Африка и Јужна Америка.

Обама се сретна со Папата по Самитот на Групата осум најразвиени земји што се одржа во Италија. На почетокот на средбата, Папата го запраша Обама за Самитот на Г-8, а американскиот претседател одговори дека бил мошне продуктивен.

Познато дека Папата и Обама се разликуваат по прашања какво што е абортусот, но затоа се согласни за други, како на пример помошта за сиромашните.

Следна станица на Обама е Гана, негова прва посета на регионот на Африка под Сахара откако стана американски претседател.