Обама се среќава со коломбискиот претседател

Американскиот претседател Барак Обама го прими колумбискиот претседател Алваро Урибе во Белата куќа на разговори на кои се очекува да стане збор за трговијата, војната против трговците со дрога и политичката состојба во Хондурас.

Денешната средба доаѓа само еден ден откако претседателот на Хондурас Хозе Мануел Зелаја беше сменет од власта. Обама и Урибе ќе разговараат за последиците од кризата и влијанието врз ситуацијата во соседните земји во Јужна Америка.

Белата куќа соопшти дека двајцата претседатели ќе дискутираат за Договорот за слободна трговија меѓу САД и Коломбија, како и за безбедносните придобивки во земјата, каде владата со децении е инволвирана во војна со левичарските бунтовници и десничарските паравојски.

Многумина американски демократи, вклучувајќи го и претседателот Обама, соопштија дека се противат на договорот за слободна трговија поради честопати критикуваното досие на Коломбија во однос на почитувањето на човековите права и насилството против трудовите активисти.