Иранските медиуми јавија дека во тек е делумно пребројување на гласовите на оспорените претседателски избори.
Влијателната група која ги надгледуваше изборите во Иран, Заштитничкиот совет, почна со пребројување на 10 проценти од изборните кутии по случаен избор на национално ниво. Оспорените избори од 12-ти јуни резултираа со официјална победа на претседателот Махмуд Ахмединеџад.
Советот соопшти дека неговите членови се сретнале со поразениот реформист Мир Хосеин Мусави. Иранските државни медиуми јавија дека портпаролот на Советот ја опишал средбата како „неефикасна“.
Мусави отфрли делумно пребројување и инсистираше резултатите од изборите да бидат поништени.
Во друг развој на настаните, Иран вели дека се ослободени ирански вработени во британската амбасада во Техеран, неколку денови откако биле приведени заради наводи дека имале врска со пост-изборните протести.
Портпаролот на министерството за надворешни работи Хасан Ќашкави на прес-конференција рече дека пет од деветмина приведени се ослободени и преостанатите се задржани за понатамошно испрашување.