Клинтон се надева дека изборните резултати во Иран ја одразуваат волјата на народот

Американската државна секретарка Хилари Клинтон се надева дека иранските изборни резултати ја одразуваат „вистинската волја и копнеж на иранскиот народ“.

Говорејќи во Канада во саботата, Клинтон напомена дека владата на американскиот претседател Барак Обама внимателно ги следела изборите и го подвлече „ентузијазмот“ и „живата дебата“ за време на предизборната кампања.

Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс во одвоена изјава наведува дека САД и натаму внимателно ја следат ситуацијата, како и извештаите за неправилности.

Домаќинот на Клинтон, канадскиот министер за надворешни работи Лоренс Канон изјави дека неговата земја е “длабоко загрижена“ за извештаите за изборни неправилности во Иран. Тој ги повика иранските власти да спроведат „чесно и транспарентно“ броење на гласовите.