Јолевски: Дијаспората има голема улога во промовирање на македонското прашање

Првиот човек на Македонија во Вашингтон смета дека македонскиот глас се слуша меѓу конгресмените и сенаторите во главниот град на САД. Јолевски наведува и дека се надминати несогласувањата и делбите меѓу дијаспората и сите заедно бараат решенија и начини за промовирање на татковината.

Глас на Америка на македонски: Како ја оценувате Првата глобална конференција на Обединатата македонска дијаспора?

Зоран Јолевски: Ваквите настани многу ќе придонесат за зајакнување на македонското присуство на дијаспората во политиката на земјите каде живеат. Ова е еден мошне важен настан, дава една насока за иднината - каде треба да се движат Македонците. Имавме многу убав настан во Конгресот каде им дадовме награда на пет конгресмени. Во Амбасадата го наградивме сенаторот Лугар. Македонскиот глас се слуша меѓу сенаторите и конгресмените во Америка. Тоа помага да се слушне македонската кауза и тоа сериозно помага на напорите на Амбасадата за претставување на Македонија и македонските интереси во американскиот Конгрес.

Глас на Америка на македонски: Како учествува македонската влада во обединување на македонската дијаспора на Североамериканскиот континент?

Зоран Јолевски: Во октомври минатата година кога го одржавме првиот форум на кои ги собравме сите македонски организации, на кој за прв пат разговараа како може да се обединат и соработуваат за постигнување на нивните цели и едни и други да си помагаат. На сегашнава средба на ОМД имаме претставници на поголем број на македонски организации. Раздвоеноста што постоеше порано е надмината. Владата отвори три генерални конзулати во Америка – во Детриот, Њујорк и Чикаго. Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон ги следи сите настанни на дијаспората и ја охрабруваме да се организира. Во минатото, македонската дијаспора беше организирана главно околу црковните општини. Меѓутоа, во денешно време, освен развојот на црковните заедници, потребен е развој и на невладини организации како ОМД и Македонија 2025. Понатаму, Американци кои ја сакаат Македонија направија организација - Пријателство со Македонија. Тој вид на организирање е многу битен и треба да се работи на понатамошно зајакнување.

Глас на Америка на македонски: Која е пораката од признанијата што македонската дијаспора им ги доделува на истакнатите конгресмени и сенатори кои се декларирани пријатели на Република Македонија. До каде е формирањето на неформална група во Конгресот или кокус што би се залагала за Македонија?

Зоран Јолевски: Пред една година бевме мошне близу, односно кокусот беше речиси формиран. Меѓутоа, грчката дијаспора направи сериозен притисок врз дел од конгресмените и од нив ја добивме пораката – ќе ви помогнеме и без формално формиран кокус. Со самите писма што ги испраќаат конгресмените и активностите што ги преземаат, покажуваат дека една група на конгресмени и сенатори работат на македонското прашање.