Семејствата на двете американски новинарки осудени во Северна Кореја на 12 години затвор и принудна работа побараа официјален Пјонгјанг да покаже разбирање и порано да ги ослободи.
Уна Ли и Лора Линг беа уапсени во март годинава додека биле на задача за американската медиумска куќа „Карент ТВ“ во близина на кинеско-севернокорејската граница.
Властите во Пјонхјанг во понеделникот соопштија дека новинарските се прогласени за виновни за „тешко злосторство“, но не дадоа детали.
Во заедничка изјава, семејствата на новинарките изразија загриженост за нивната ментална и физичка добросостојба, укажувајќи дека Линг има чир. Во изјавата се наведува и дека четиригодишната ќерка на Ли пати поради долгата одвоеност од својата мајка.
Американскиот претседател Барак Обама и државната секретарка Хилари Клинтон ја повикаа Северна Кореја веднаш да ги ослободи двете млади жени врз хуманитарна основа. Белата куќа најави дека Северна Кореја ќе биде на дневен ред на средбата на Обама со јужнокорејскиот претседател Ли Мунг-бак во Вашингтон наредната недела.
Гувернерот на американската сојузна држава Ново Мексико Бил Ричардсон во понеделникот изјави дека е оптимист дека Северна Кореја по дипломатски пат ќе биде убедена да ги ослободи новинарките. Ричардсон помогна во ослободувањето на американски граѓанин и заробен пилот на хеликоптер во 1990-те, кога беше американски амбасадор во ОН.
Се шпекулира и дека поранешниот американски потпретседател Ал Гор како посредник ќе се вклучи во обидите да се издејствува ослободување. Гор е еден од основачите на „Карент ТВ“.