Обама: Индустријата за здравствена заштита ќе ги намали трошоците

Американскиот претседател Барак Обама извојува голема победа во битката за реформи во здравствениот систем на САД.

Индустријата за здравствена заштита веќе најави дека е расположена да се приклучи на владините напори за реформа. По средбата во Белата куќа со претставници од овој сектор, Обама кажа дека од нив добил ветување дека ќе ги ограничат трошоците за здравствената заштита.

„Овие групации доброволно се собраа за да направат заложба без преседан“, коментираше Обама.

Според американскиот претседател, тие се заложиле да ја намалат стапката на растеж на националните трошоци за здравствена заштита за 1,5 проценти годишно во текот на наредните 10 години. Со тоа би се заштедиле речиси 2 трилиони долари.

Ако се одржи таквиот курс, од заштедата ќе имаат корист не само осигурениците, туку и федералната влада која ја поддржува здравствената заштита за старите и сиромашните преку програмите Медикеар и Медикејд.

Претседателот Обама смета дека заложбата на индустријата на здравствена заштита е важен чекор во неговиот напор за реформа на системот за здравствена заштита.

„Денес не обедини сознанието дека не можеме повеќе да продолжиме по истиот опасен пат по кој патувавме со години, при што трошоците излегуваа од контрола. Реформите не се луксуз што може да се одложи, туку неопходност што не може да чека“, рече Обама.

Заложбата од здравствената индустрија покажува промена на курсот на многу организации за здравствена заштита и осигурителни компании од 1993-та, кога ги блокираа напорите за реформи што ги започна тогашниот претседател Бил Клинтон.

Претседателот Обама го повика Конгресот да усвои закон за реформа на системот за здравствена заштита до крајот на годината. Со самото тоа што покажува волја за намалување на трошоците, аналитичарите велат дека индустријата си обезбедува место на преговарачката маса.