Петнаесет американски конгресмени во писмо до државната секретарка Хилари Клинтон ја нарекуваат Република Македонија еден од најверните американски сојузници и бараат владата да го уважи нејзиниот придонес за стабилноста на јужниот Балкан.
Десет демократски и пет републикански пратеници во 435-члениот Конгрес бараат владата да го преразгледа македонскиот придонес за стабилноста во јужниот Балкан и американските надворешнополитички цели таму, но и во Авганистан, Косово и Блискиот Исток.
Конгресмените на чело со демократот Бил Паскрел од Њу Џерси и републиканецот Марк Саудер од Индијана велат дека Република Македонија е еден од најверните американски сојузници и доверливи партнери.
Во писмото се истакнува мирната транзиција на Македонија по распаѓањето на Југославија во стабилна, мултиетничка демократија, но и тешкотиите на кои наиде поради грчкото противење на нејзиното уставно име и тврдење дека тоа имплицира територијални претензии.
Конгресмените потсетуваат дека Македонија повеќепати со јавни изјави и измена на уставот го потврди спротивното, како и дека новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов го издвои решавањето на проблемот со името како приоритет.
Подвлекувајќи дека Македонија ги исполнила сите критеруми за членство во НАТО, дека учествува во мисијата во Авганситан, и служи како логистичка база за НАТО-силите на Косово, групата конгресмени изразува задоволство од изјавата на претседателот Обама на неодамнешниот самит на НАТО за натамошната американска заложба за членство на Македонија во Алијансата.
„САД мора да продолжат да ги охрабруваат нашите пријатели Грција и Македонија да седнат заедно и да се договорат на заеднички пат кон мир, помирување и партнерство во развојот на јужниот Балкан“ стои во писмото. Конгресмените веруваат дека има голема корист од едно партнерство меѓу Македонија, Грција и соседите и искажуваат подготвеност да соработуваат со државната секретарка Клинтон на постигнување брзо и праведно решавање за прашањата како што е спорот со името, со цел да има стабилност, просперитет и правичност за сите луѓе во регионот.