Аналитичарите велат: Многу од пиратите се ослободувани  

Пиратите ги интензивираа нападите врз бродови на брегот на Сомалија и заради тоа се поставува прашањето што може да стори меѓународната заедница од правна гледна точка, за да се справи со пиратските активности.

Според Меѓународното биро за морнарички операции, со седиште во Лондон, организација која го следи криминалот во водите на Сомалија, вели дека овој регион е најопасен за меѓународно пренесување на добра и услуги.

Бирото додава дека минатата година била најуспешна за пиратите. Според податоците за првите три месеци од оваа година, 2009 ќе биде уште подобра за нив. Во регионот бил нападнат 61 брод, споредено со 6 во првиот квартал од 2008.

Во обид да се справи со пиратските активности на брегот на Сомалија, изминативе неколку години меѓународната заедница распоред морнарички бродови за да патролираат во опасните зони. Во патролите се вклучени бродови од САД, ЕУ, Русија, Кина и Индија.

Аналитичарите како Роџер Мидлтон од „Chatham House" со седиште во Лондон, велат дека при апсењето на пиратите, ситуацијата станува уште покомлицирана.

„Во повеќето случаи, кога морнарицата ќе ги уапси пиратите, се одзема нивното оружје, нивните бродови, и тие се пуштаат на слобода. Ова се случува бидејќи правната постапка за тоа кога може да се поведе судска постапка против пиратите и колку таа би била ефикасна, не е доволно јасна. Вистинската грижа настанува кога ќе уапсат одредени пирати и ќе се вратат назад во Париз на пример, судот го отфрла нивниот случај, а пиратите имаат бесплатен превоз до Европа", вели Мидлтон.

Експертот за морнарички прашања од Корпорацијата Ранд, Питер Чок, вели дека ослободувањето на пиратите носи проблеми.

„Доколку ги вратите во Сомалија, на пример, од една страна исто е како да сте ги ослободиле, бидејќи ако се вратат во местата долж крајбрежјето, таму населението има интерес во овие луѓе и ги заштитува. Но доколку се вратат во области каде на власт се исламски екстремисти, има големи шанси тие да бидат погубени со што се зголемува загриженоста за почитување на човековите права. Веројатно тие ќе завршат на брод и ќе заминат каде сакаат", изјави Чок.

Чок и другите експерти додаваат дека меѓу причините за ослободување на пиратите се и тие што многу од земјите или не се подготвени за поведување на судска постапка или немаат специфична легислатива на националано ниво за казнување на пиратските активности.

Во обид ова да биде исправено, аналитичарите велат дека многу земји како САД и земјите членки на ЕУ имаат потпишано договор со Кенија, која е најблизу до Сомалија и која е судски способна да ги гони пиратите.