Компаниите гледаат доаѓање на подобри времиња

Некои големи компании велат дека најлошото од рецесијата можеби поминало иако опоравувањето може да оди бавно.

Американскиот гигант за разнесување пратки Ју-Пи-Ес вели дека верува оти бизнисот може да почне да се подобрува на крајот од годината.

Многу економисти гледаат на Ју-Пи-Ес како на индикатор за состојбата на економијата, затоа што потрошувачите и бизнисите испраќаат повеќе пакети кога економијата е на здрави нозе.

Сепак, официјални лица од Ју-Пи-Ес додаваат дека профитот паднал за повеќе од половина во првите три месеци од годината.

Има знаци на оптимизам и во технолошкиот сектор.

Епл, производителот на Ај-Фон, мобилен телефон со пристап до интернет, вели дека продажбата двојно се зголемила на 3,79 милиони за време на првиот квартал. Компанијата исто така извести за голема продажба на Ај-Под.

И-Беј, популарната комерцијална веб-страница , рече дека има знаци на подобрување.

Во интервју за новинскиот сервис Блумберг, извршниот директор Џон Данахо рече дека има зголемување на барањата за купување во март и оти потрошувачите можби повторно се подготвени да трошат.

Во меѓувреме, американскиот гигант за производство на нафта и гас КонокоФилипс вели дека профитот опаднал за 80 отсто во првото тримесечје во 2009-та поради намалувањето на барањето за енергија за време на рецесија.