Луксузните пазари нагло ќе опаднат во првата половина на 2009-та

Луксузните пазари ги чувствуваат последиците на глобалната криза - потрошувачите се` помалку купуваат скапи работи и според прогнозите, луксузниот сектор годинава ќе падне за 10 проценти.

Економскиот аналитичар Ник Дебман, кој за глобалната услужна компанија КПМГ ги анализира кинеските пазари, вели дека кога парите се избројани, луѓето купуваат помалку работи без кои можат да живеат, како скапи часовници, чевли и женски чанти од реномирани имиња:

-Ширум светот, кога има рецесија, тоа е прва работа што ќе ја сторите. Можеби ќе го одложите купувањето, или наместо две ќе купите една чанта. Пазарот со луксузни работи ќе трпи последици.

Со оглед на тоа дека американскиот економист Ноурил Роубини и други стручњаци предвидуваат нови финансиски шокови, потрошувачите ширум светот го запреа трошењето на скапи работи, како дијаманти, парфеми и рачно изработени предмети.

Глобалната консултантска фирма „Баин енд компани" вели дека пазарот со луксузни работи некогаш бил имун на економските потреси. Но, сега, компанијата предвидува пад од 10 отсто во 2009-та, споредено со 2008-ма. Пазарот со луксузни работи според очекувањата годинава ќе достигне само 198 милијарди долари, споредено со 220 милијарди долари лани. „Баин енд компани" предвидува пад од 15 проценти во Јужна и Северна Америка и 10 проценти во Европа и во Јапонија, каде се одвива над 80 отсто од светската продажба на луксузни работи.