Кривичен прогон на одговорните за груби техники на испрашување?   

Американскиот претседател Барак Обама вели дека останува на главниот обвинител да реши дали кривично ќе ги гони лицата од претходната влада на претседателот Џорџ Буш кои одобриле груби техники на испрашување на лица осомничени за тероризам. Тој денес изјави дека е против гонење на оние кои ја употребиле тактиката согласно со правните упатства од претходната влада, но дека останува на главниот правобранител Ерик Холдер да реши дали ќе покрене обвинение против „оние кои ги формулирале" таквите правни одлуки.

Обама рече дека неговиот потег минатата недела да ги објави меморандумите што ги изложуват методите на испрашување на ЦИА претставува една од најтешките одлуки што морал да ја донесе. Тој кажа дека меморандумите – што објаснуваат груби техники на испрашување како лишување од спиење и симулирање на давење – покажале како САД „го губат своето морално влијание".

Поранешниот потпретседател Дик Чејни во интервју за за ТВ-мрежата Фокс ја бранеше употребата на груби техники, велејќи дека тие дале резултати. Чејни повика на објавување на дополнителни меморандуми, коментирајќи дека тие би придонеле за „чесна дебата" по прашањето.

За време на посетата во ЦИА во понеделникот, Обама кажа дека грубите техники што ги одобрила владата на Буш го поткопуваат „нашиот морален авторитет и не не` прават безбедни". Во обраќањето до вработените во ЦИА, тој рече дека решил да ги објави меморандумите поради исклучителните околности во врска со нив, а додаде и дека поголем дел од информациите во нив веќе се познати на јавноста. Критичарите, пак, тврдат дека нивното објавување ја поткопува националната безбедност. Според еден од меморандумите, симулирањето на давење вкупно било употребено врз два клучни притвореници најмалку 266 пати.

Поранешниот агент на ЦИА Џон Киријаку во 2007-ма изјави дека 35 секунди на симулирање на давење резултирале во тоа наводниот операривец на Ал-Каида Абу Зубајди да даде клучни информации што помогнале САД да спречат неколку терористички напади.

Праксата на симулирање на давење прекинала во 2006-та.