Обама патува за Тринидад на самит, со Куба во фокусот

Американскиот претседател Барак Обама патува за Тринидад и Тобаго на самит на 34 држави од Јужна и Северна Америка, каде ќе се соочи со растечко барање за промена на американската политика спрема комунистичка Куба.

Во Мексико Сити во четвртокот, претседателот Обама изјави дека не очекува односите меѓу САД и Куба преку ноќ да се затоплат по неговата одлука за олеснување на патување и трансфер на пари за Кубанските Американци.

Кубанскиот претседател Раул Кастро изјави дека Хавана е подготвена да дискутира за било кое прашање што сака Вашшингтон, вклучувајќи ја и состојбата со човековите права, слободата на печатот и политичките затвореници. Но, инсистираше островот да биде третиран на еднаква основа.

Многу латино-американски лидери бараат од Обама укинување на 47-годишното трговско ембарго врз Куба. Венецуелскиот претседател Хуго Чавез рече дека тој и неговите сојузници ќе гласаат против декларацијата на самитот во знак на протест против американското ембарго.

Куба не е поканета на денешниот самит.

Во напис во весник, објавен во повеќе држави на Јужна Америка, Обама вели дека Самитот нуди можност за нов почеток во односите меѓу САД и Јужна Америка.

Обама се наоѓа на прва посета на Јужна Америка откако стана претседател. За време на престојот во Мексико Сити, се сретна со претседателот Филипе Калдерон и дискутираше за ескалирањето на војната меѓу картелите со дрога во која од почетокот на минатата година загинаа седум илјади лица.