Американскиот претседател гледа „зраци на надеж“ за американската економија

Американската економија почна да покажува „зраци на надеж", порача претседателот Барака Обама по петочната средба со советници и виши владини лица задолжени за економијата. Тој сепак укажа дека економијата останува под голем стрес и дека претстои уште многу работа за да се обнови економскиот растеж и да се запрат отпуштањата од работа.

Претседателот го пофали директорот на Федералните резерви Бен Бернанки за обидите да го заживее проблематичниот пазар на домување со намалување на каматните стапки за кредитите. Тој смета дека ветуваат и другите економски иницијативи на владата и очекува уште поголеми резултати во иднина

Прогнозите дека банките ќе почнат да остваруваат профит во четвртокот помогнаа клучните индекси на Вол Стрит да забележат пораст. Доу Џонс беше за над 200 поени повеќе од очекуваното. Аналитичарите очекуваат да „одмрзне" одобрувањето на кредити.

Економскиот советник на Белата куќа Лоренс Самерс смета дека ова е сигнал дека ќе дојде крај на економскиот пад во САД, како што пакетот за стимулирање на економијата се` повеќе ќе дава резултати:

-Може да бидеме разумно сигурни дека падот ќе запре за неколку месеци. Колку силно и брзо ќе оди подемот, тоа засега не е целосно јасно, прогнозираше Самерс.

Најнов извештај на Одделот за труд покажува дека актуелната стапка на невработеност – највисока во последниве 40 години – имала мало влијание врз инвеститорите. Многумина гледаат надеж и во податокот дека барањата за помош поради невработеност опаднале за повеќе од очекуваното.

Обама во четвртокот објави дополнителна помош за Американците кои имаат проблеми со отплаќање на кредитите за домување.

-Активиравме програма за модификација на кредитите, работејќи со банките, што ќе им помогне на оние во опасност да ги загубат домовите, рече Обама.

Со оглед на рекордно ниската стапката на кредити за домување, Обама смета дека никогаш немало подобро време за рефинасирање на кредитите или купување на дом.

Владата минатиот месец веќе најави 75 долари милијарди долари поттик за банките да им помогнат на сопствениците на домови.