Обама во Европа:  позитивни оценки за стилот, политичките ставови

Американските медиуми деновиве ја анализираат посетата на претседателот Барак Обама на Европа од аспект на тоа што таа направила за впечатокот на САД во светот. Европејците, пак, веќе му дадоа позитивна одлука – и за стилот, и за политичките ставови.

На Европа не и` беше доста од Обама. Од првиот момент, кога со сопругата Мишел стапнаа од авионот во Лондон, преку пристиугнувањето во Стразбур, па се` до заминувањето за Истанбул – секој момент беше во фокусот на јавноста. Дури и светските лидери навидум уживаа во неговата популарност. „Тоа е моќ на ѕвезда“, вели советничката за имиџ од Лондон Тажин Ахмад. „Има се` - атлетски граден, висок, харизматичен. Еден од најдобрите политички говорници во последно време, ако не и најдобар. И тајмингот... светот едноставно чекаше на некој како него“, смета Ахмад.

Но, не беше се` стил. Имаше и трнливи прашања на масата. Во Лондон - како да се запре глобалната рецесија. Во Страсзбур, на Самитот на НАТО – натамошната војна во Авганистан. Обама цело време инсистираше дека дошол не само да предводи, туку и да ги слушне другите.

„Америка не може самата да се справи со глобалните предизвици, ниту пак Европа без Америка“,им порача Обама на Европјеците.

Пораката наиде на топол прием од францускиот претседател, кој не ја криеше возбудата. „Сакам да му кажам колку сум воодушевен што ќе соработуваме, колку ја ценам неговата отвореност, решеност да изгради нов свет“, рече Никола Саркози.

Слушање, соработка, лидерство. Обама ја пренесе истата порака во Турција – го поддржа нејзиниот обид за членство во Европската унија и подаде рака на муслиманскиот свет. „Да кажам што е можно појасно: САД не се во војна со исламот. Всушност, нашето партнерство со муслиманскиот свет е од клучно значење против една отцепена идеологија што ја отфрлаат луѓето од сите вери“,кажа американскиот претседател во Турција.

Аналитичарот Мајкл Кокс од Лондонската катедра за економија коментира – со оглед на политиката на претходникот Буш кон Блискиот Исток, „минатото има ефект. Беше нанесена голема штета на односите. Ќе треба многу повеќе од зборови да се надмине сомничавоста што и натаму постои“.

Се` на се`, новиот американски претседател доби мошне добри оценки. Аналитичарите подвлекуваат, сега доаѓа тешкиот дел: од зборови – на дела.