Вонредна седница во ОН поради ракетното лансирање во Северна Кореја

Советот за безбедност на ОН свика вонредна седница на која расправа како да одговори на ракетното лансирање во Северна Кореја.

Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс смета дека најдобар одговор би била нова резолуција во однос на Северна Кореја. Таа рече дека потегот на Северна Кореја претставува очигледно прекршување на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН број 1718, која забранува земјата да врши каков и да е` нуклеарен тест или лансирање на балистички проектил.

„Мојата влада ова го нарече `провокативен чин`. Се консултираме со сојузниците во регионот и партнерите од Советот за безбедност. Денешната среба ни дава значајна можност да продолжиме со консултациите и да работиме на спогодба за енергична, заедничка акција", рече Рајс.

И Европската унија повика на енергичен одговор, а Јапонија побара нови санкции против официјален Пјонгјанг.

Но, Кина и Русија, кои како и другите членки на Советот за безбедност, имаат право на вето, се резервирани. Тие повикаа на смиреност и воздражност на сите вклучени инстанци.

Според севернокорејските медиумски извештаи, претседателот Ким Јонг-Ил бил присутен на лансирањето, бил брифиран за процедурата и ги пофалил техничарите кои го извршиле лансирањето.

Северна Кореја предизвика меѓународна загриженост кога го изврши ракетното лансирање за кое тврди дека е со цел да испрати сателит во орбитата. Експерти за безбедност, пак, сметаат дека се работи за тестирање на проектил од долг домет.

Американската армија тврди дека по лансирањето во орбитата не влегол никаков објект, како и дека дел од проектилот паднал во Јапонското Море, додека остатокот прелетал преку јапонска територија и завршил во Тихиот Океан.

Јапонија најави дека ќе ги прошири своите економски санкции против Северна Кореја. Таа ги воведе откако Пјонгјанг тестираше балистички проектили и нукеларна направа во 2006-та. „Најновото лансирање е знак на зголемена напнатост и закана за меѓународниот мир и безбедност, а не само за Јапонија", рече јапонскиот амбасадор во ОН Јакио Такасу.