Безбедносни активности во Стразбур и Кел пред Самитот на НАТО

  • Менди Кларк

Во Стразбур се затвораат училиштата, распоредени се 15.000 војници и полиција и се запечатуваат шахтите додека овој град, заедно со Кел во Германија, се подготвува да биде домаќин на Самитот на НАТО на кој ќе се одбележи и 60-годишнината од постоењето на Алијансата.

Зголеменото обезбедување во Стразбур се смета дека ќе чини 147 милиони долари, а тука е вклучена заштита на учесниците и контрола на 20 до 50-те илјади активисти за мир кои се очекува да излезат на протести.

Лидерите на Алијансата не само што ќе ја одбележат 60-та годишнина од нејзиното постоење, туку ќе и посакаат и добредојде на Франција при нејзиното враќање во воената команда на НАТО по 40-годишно отсуство. Францускиот претседател Николас Саркози неодамна ја соопшти одлуката за повторно приклучување кон НАТО, што во Франција беше контроверза.

На агенда на самитот е разгледување на операциите на НАТО низ светот.

Француските и германските безбедносни сили буквално ги затворија градовите кои се домаќини на самитот – Стразбур во источна Франција и Кел во Германија, со поставено засилување на граничниот премин.

Никол Рамрант од германската полиција, вели дека преземените активности се неопходни:

„Федералната полиција во Германија ќе ги контролира лицата кои ќе сакаат да влезат во земјата, ќе ги прегледуваат пасошите, со цел да се спречи демонстрантите да ги продолжат протестите и овде и да и` наштетат на германската безбедност“, изјави Рамрант.

Многумина демонстранти велат дека не планираат насилни протести, но имаат намера да ја пренесат својата порака на светот. Даниел Виесник е активист за мир и во Франција допатувал од Британија. Тој сака НАТО да се промени.

„Во најмала рака, НАТО треба да ја смени политиката и да не биде строго одбрамбена алијанса, да стави крај на тој мандат за да презема агресивна акција како што видовме во Авганистан “, вели Виесник.

А на улиците на Стразбур, помешани чувства.

Некои сметаат дека Франција не треба да биде дел од НАТО и дека нејзиното членство значи повеќе војна.

Други пак сметаат дека членството во Алијансата ќе значи солидарност против какви било напади врз другите земји-членки.

Сепак, најзасегнати со самитот се локалните жители на градовите организатори. Многу бизниси или ќе бидат затворени или очекуваат помала фрекфенција на купувачи, бидејќи се очекува поголемиот дел од локалното население да биде настрана од збиднувањата.

Засега, во Стразбур е воведено високо ниво на будност и надлежните власти се надеваат дека ќе бидат избегнати поголеми инциденти.