Обама објави нова стратегија за Авганистан и Пакистан

Американскиот претседател објави нова стратегија за Авганистан и Пакистан што вклучува испраќање илјадници дополнителни војници во Авганистан и поголем акцент врз регионалната дипломатија.

Барак Обама кажа дека ситуацијата во Авганистан станува „се` поопасна“, подвлекувајќи дека нападите против американските сили, НАТО-сојузниците и авганистанската влада бележат стабилен пораст во изминативе седум години од соборувањето на Талебан. Тој рече дека Ал-Каида и нејзините сојузници се наоѓаат во Пакистан и Авганистан, и дека Ал-Каида активно планира напади врз САД од своите засолништа во Пакистан.

Според претседателот, целта на новата стратегија е да се спречат, разбијат и уништат Ал-Каида и нејзините сојузници, да се отстранат нејзините засолништа во Пакистан и да се спречи нивно прегрупирање во Авганистан.

Американски официјални лица наведуваат дека по првпат, американската дипломатија ќе се базира на премисата дека ситуациите во Авганистан и Пакистан се испреплетени, или, како што рече еден владин претставник - „две земји, но еден предизвик“. САД наводно ќе побараат меѓународна соработка, повикувајќи земји како Русија, Кина, Индија, па дури и Иран.

Обама најави дека дополнителни 4.000 војници ќе бидат испратени во Авганистан да ги обучуваат авганистанските армиски сили, згора на 17-те илјади американски војници што претседателот сака да ги распореди во земјата наредниве месеци.