Американски панел предлага нов пристап кон Русија

Панел од поранешни американски законодавци и дипломати предлагаат САД да воспостават потесна соработка со Русија заради справување со закани од Иран, тероризмот и неширење на нуклеарно оружје.

Панелот, познат како Комисија за американската политика кон Русија, во понеделник го објави извештајот во кој стои дека Русија и САД треба да ги зголемат напорите за соработка по меѓународни прашања кои се закана за нивната безбедност. Со групата претседаваат двајца поранешни американски сенатори – Чак Хагел, Републиканец, и Гери Харт, Демократ.

Комисијата препорачува засилување на напорите за меѓународна непролиферација преку меѓународни договори, додека во исто време се дозволува поширока употреба на нуклеарна енергија. Исто така се предлага нов приод кон предложеното распоредување на противракетна одбрана во Полска и Чешката република, што генерираше тензија со Русија.

Извештајот вели дека Вашингтон и Москва треба да се обидат да развијат приод на поголема соработка против можни нуклеарни напади од Иран или друго место.

Членови на Комисијата минатата недела се сретнаа со рускиот претседател Дмитри Медведев во Кремљ. Нивниот извештај е во согласност со забелешката на Медведев дека руско-американските односи значително се влошиле последниве години и дека е неопходно потребен нов пристап.