Министрите за наворешни работи од Северноатлантската Алијанса неодамна се договорија да ги продолжат врските со Русија, кои беа прекинати во август како резултат на петдневната војна на Москва со Грузија.
Советот НАТО-Русија беше
создаден во 2002 како форум за дијалог и соработка меѓу поранешните непријатели од Студената
војна. Тоа обезбеди форум за 26 земји – членки на НАТО и Русија да расправаат
за прашања по кои се слагаат, како што е борбата против тероризмот и спречување
на ширењето на нуклеарно оружје, и
области каде тие не се слагаат, како проширување на НАТО и противракетна одбрана.
Минатиот август, НАТО ја
суспендираше соработката со Русија по
петдневната војна со Грузија. Во тоа време, НАТО ја осуди воената акција на
Москва како „непропорционална" и кажа дека не ќе може да ги продолжи односите
како до тогаш со Русија. НАТО исто така го отфрли признавањето на Русија на отцепените региони од
Грузија Абхазија и Јужна Осетија за независни држави.
Но, на неодамнешен состанок во
Брисел, министрите за надворешни работи на НАТО се согласија да ги обноват нормалните релации со Москва и да продолжи работата на
Советот.
Генералниот секретар на НАТО
Јап де Хоп Шефер ја соопшти одлуката: "Русија е важен играч. Русија е глобален играч. И тоа
значи дека не е опција да не се зборува
со нив."
Американскиот државен секретар
Хилари Клинтон, која присуствуваше на средбата за прв пат во новото својство,
го изрази тоа гледиште: "Додека Алијансата нема да се согласи и нема да има потреба да се согласи
за секое прашање кога се работи за Русија, ние можеме и мораме да најдеме
начин конструктивно да работиме со Русија каде имаме заеднички интерес. Ние исто така се согласуваме дека мора да најдеме начини за
надминување на меѓусебните разлики и да
бидеме цврсти каде нашите принципи и витални интереси се во залог."
Многу стручњаци, меѓу кои и
Џејсон Лајл од Вудроу Вилсон школата за јавни и меѓународни прашања, го поставуваат прашањето дали нешто се случило за последните седум месеци што
придонело за промена на позицијата на НАТО.
Лајл вели дека ништо не е променето: „Русија продолжува да се оддалечува
од мировниот план што требаше да ја запре војната. Русија практично се закопа
во Абхазија и Јужна Осетија. Сега ги зајакнува армиските бази на тие локации. И направи многу малку да го
оправда свртувањето на односите во друг
правец. Мислам дека повеќе се работи за согледување на НАТО дека е подобро да
се има Русија внатре отколку надвор."
Шон Кеј од Весли
Универзитетот во Охајо вели дека и покрај
одлуката на Алијансата да ги продолжи
односите со Русија, државите на НАТО сеуште се поделени по прашањето: "Сојузниците во НАТО, клучните
сојузници, како Германија и Франција, се многу расположени да развијат подобри
односи со Русија. Така и идејата за подолготрајна
казна заради Грузија не издржа. Има
поделби во рамки на НАТО по тоа прашање и тоа не е тајна. Некои од
источноевропските држави не се среќни заради промената во однос на Русија, но
тоа е разбирливо со оглед на нивната историска перспектива. Но, на крајот на
денот, треба да одиме напред. "
Џејсон Лајл вели дека НАТО неизбежно
ќе продолжи со интензивни внатрешни дебати за тоа колку блиски треба да бидат
односите со Русија.
„Во моментов, победуваат оние кои сакаат да имаат поблиски односи со Русија. Мислам дека спорадичните проблеми во снабдувањето со нафта,
снабдување со енергија за Европа, го поместија балансот кон фактот дека подобро
е да се ангажира Русија во дијалог
отколку Русија да биде надвор од
дијалогот", вели Лајл.
Многумина аналитичари велат
дека друг придонесувачки фактор за свртувањето на НАТО кон Русија е што
администрацијата на Обама вети дека ќе
воспостави позитивни односи со Москва.
Стручњаците велат дека Русија и
НАТО имаат многу прашања за разговор –
од контрола на оружјето, ракетна одбрана и европската безбедност со проширување на НАТО,
Авганистан и амбициите за нуклеарно оружје на Иран.
Роберт Хантер, кој беше
амбасадор на САД во НАТО за време на клинтоновата администрација, вели дека
сега на потег се Русите: „Ќе видиме дали се подготвени да преземат
кооперативна улога во рамки на Советот
НАТО-Русија или тоа ќе биде нешто што сме го виделе до сега, дури и пред
војната меѓу Русија и Грузија минатата година. Да се вратиме на она што
претседателот Реган еднаш го кажа –
Верувај, но провери. Јас тоа би го превртел. Во овој момент Русија треба да ни
покаже дека нема да го повтори тоа што го направи во Грузија и потоа довербата повторно ќе биде изградена. "
Портпаролот на НАТО кажа дека
Советот НАТО-Русија ќе се сретне следниот месец, кусо време по самитот на Алијансата, на почетокот на април.