Издаден налог за апсење на претседателот на Судан

Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на суданскиот претседател Омар ал-Башир – првиот претседател кој сеуште е на функција чие апсење го бара трибуналот за кривични дела откако е формиран во 2002.

Судиите на Меѓународниот кривичен суд го обвинуваат Башир за координирање на напади врз цивили во суданскиот регион Дарфур, каде неговата влада се бори со бунтовници од 2003.

Во налогот се наведени пет основи на кривични дела против човештвото, вклучувајќи убиства, силувања, тортура, искоренување и насилен трансфер.

Наведени се и две основи на воени кривични дела, меѓу кои и водење напади против цивили.

Во налогот нема основа за гонење заради геноцид. Претставници на судот денес кажаа дека обвинителите не успеале да докажат дека Башир се обидувал да елиминира три етнички групи за кои се сметало дека ги поддржуваат бунтовниците.

Судан ги отфрла наводите за воени кривични дела и неколку пати има изјавено дека нема да соработува со судот.