Гости од над 170 земји на Националниот молитвен појадок во Вашингтон

Македонскиот премиер Груевски во рамки на форумот разговарал со американскиот потпретседател Џозеф Бајден.

Претставници на сите американски сојузни држави и голем број на државници и други гости од светот го започнаа денот собрани во Вашингтон на заедничка молитва и појадок. Со делегацијата од Македонија на овој форум учествува и македонскиот премиер Никола Груевски.

3.400 гости од 175 земји според статистиката на организаторите учествуваат на денешната молитва и прослава на вербата – редовен годишен настан чии маргини истовремено пружаат добра прилика за контакти, лобирање и дипломатска активност.

Копретседавачот на појадокот, републиканскиот конгресмен Верн Ејлерс, при поздравувањето на државниците му се обрати на македонскиот премиер Никола Груевски велејќи дека пред неколку години ја посетил Македонија и дека е убава земја.

Американскиот претседател Барак Обама им порача на гостите дека верските разлики треба да ги обединат луѓето, а не да создаваат поделби. Вербата ги поттикнува луѓето и може да промовира поголемо добро, рече Обама, подвлекувајќи дека нема Господ кој одобрува одземање на животите на недолжни човечки суштества.

Меѓу главните говорници беше и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Според македонското владино соопштение, премиерот Груевски во рамки на појадокот разговарал со американскиот потпретседател Џозеф Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон. Во сатницата на македонскиот премиер е и таканаречениот „ручек на лидери" што го организира сенаторот Џорџ Војнович, а има средба и со Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност на потпретседателот на САД.

Вчера Груевски имал работен ручек со конгресмените кои важат за пријатели на Македонија на Капитол Хил - Бил Паскрел, Марк Саудер, Ерл Померој и Хари Мичел, како и одвоена средба со конгресменот Џон Танер, кој е претседател на Парламентарното собрание на НАТО. Груевски одвоено разговарал и со претседавачот на Сенатската комисија за надворешни работи Џон Кери и највисокиот по ранг републиканец во Комисијата Ричард Лугар.

Националниот молитвен појадок во Вашингтон е традиција уште од 1953-та , кога претседателот Двајт Ајзенхауер и сенаторот Франк Кралсон по првпат организирале ваков собир.