Економската криза носи опасност од - прекумерна дебелина!

Според најнови истражувања, Американците во економската криза започнале да штедат и на храна, но и покрај тоа се во опасност од прекумерна дебелина. Истото важи и за други развиени земји кои ја чувствуваат кризата.

Експертите велат дека поради влошената економска ситуација Американците избираат храна опасна по здравјето, со зголемени количества на шеќер, маснотии и калории, а малку хранливи материи, позната како „нездрава храна“.

-Некои истражувања сугерираат дека исхраната базирана на нездрава храна чини третина од цената на здрава исхрана базирана на овошје и зеленчук, вели професорот Џудит Вајли Росет од Универзитетот Јешива во Њујорк.

Цената на овошјето и зеленчукот и натаму расте, додека цената на нездравата храна останува иста.

Мариана Фуедали е Американка со просечни примања, која живее во 12-члено семејство:

-Не јадеме здрава храна, туку онаа што ќе го наполни стомакот, што може да си дозволиме да ја купиме.

Некои ресторани во САД веќе рекламираат „специјалитети на рецесијата“ - храна како хот-дог, која има калории во изобилство.

Истражувањата направени на Универзитетот Вашингтон покажуваат дека 10-процентниот пораст на сиромаштијата во САД резултирал во 6-процентен пораст на прекумерна дебелина Здравствените експерти велат дека е полесно да се здебелите со нездрава храна, затоа што има привлечен вкус и прави да барате се` повеќе од неа. Нутриционистите апелираат овошјето и зеленчукот да поевтинат за да станат подостапни и советуваат луѓето да научат да подготвуваат храна која истовремено не е скапа, а добра по здравјето.