Обама за арапска телевизија: Сега е момент за работа на  блиско-источен мировен договор

Американскиот претседател Барак Обама вели дека „моментот е зрел“ за Израелците и Палестинците да постигнат долготраен мир, но подвлече дека сите страни во регионот мора да играат улога во процесот.

Во интервју за телевизискиот канал Ал-Арабија од Дубаи, Обама рече дека двете страни треба самите да решат што е најдобро за нив. Новиот претседател рече дека Израелците и Палестинците мора да сфатат дека сегашната ситуација нема да резултира во „просперитет и безбедност“ за нивните народи.

Во неговото прво официјално интервју, директно обраќајќи се муслиманскиот свет, американскиот лидер рече дека не е можно да се мисли на Блискиот исток без да се гледа регионот во целина – вклучувајќи ја Сирија, Либан, Авганистан и Пакистан. Тој рече дека тие се поврзани.

Интервјуто на Обама за ТВ-мрежата на арапски јазик уследи само неколку часа откако првиот специјален пратеник за Блискиот исток, поранешниот американски сенатор Џорџ Мичел, замина на прво службено патување во регионот.