Ирачки демонстранти бараат новинарот што фрли чевли на Буш да биде ослободен

Илјадници Ирачани излегоа на улица барајќи да биде ослободен новинарот кој ги фрли своите чевли кон американскиот претседател Џорџ Буш. Демонстрантите минаа низ багдадската област Садар Сити и шиитскиот свет град Наџаф. Многумина од нив мафтаа со чевли во знак на поддршка на напаѓачот.

Репортерот на телевизијата Ал Багдадија Мунтазир Ал-Зајди беше приведен откако во неделата, за време на прес конференција во Багдад со ирачкиот премиер Нури Ал-Малики, го нарече Буш „куче“ на арапски а потоа – еден по еден – ги фрли чевлите кон него, пред да биде совладан од обезбедувањето. Буш подоцна шеговито коментираше на инцидентот, велејќи дека чевлите биле голем број. Тој подвлече дека не се почувствувал загрозено.

Ирачки претставници го осудија нападот и побараа извинување од телевизијата за нивниот дописник со седиште во Каиро. Ал Багдадија, пак, побара негово ослободување. ТВ-мрежата тврди дека ослободувањето на Ал-Зајди би било во согласност со, како што се наведува, слободата на печатот што САД ја ветија на сите Ирачани.

Колегите на Ал-Зајди велат дека тој го презирал Буш и го обвинувал за крвопролевањето во Ирак.