Републиканците  - лојална опозиција

Демократската партија станува партија што ќе ја има контролата во САД - со демократски претседател и мнозинство во Конгресот. Републиканците стануваат малцинство, но тоа за нив може да биде и добро – нема веќе да бидат врзувани за непопуларен претседател, нема веќе да бидат земани на одговорност за непопуларни војни и економска криза. Сепак, ако партијата сака да си ја поврати моќта, ќе мора да почне со поддршка на новоизбраниот претседател, вели Џон Фортиер од Американ Ентерпрајс Институт. Зашто, „ луѓето го сакаат Обама и барем на почетокот ќе има многу поддршка од американскиот народ. Не е добро за Републиканците да бидат сметани за опструкционисти“, вели тој.

Алекс Конант од Републиканскиот национален комитет вели дека партијата има намера да преземе позитивна улога во владата:

„Ќе бидеме лојална опозиција, но се надеваме и – конструктивна опозиција. Имаме големи идеи за државата.
"

Конант вели дека денес има помалку поделби во однос на надворешната политика. Роберт Гејтс останува во администрацијата, бушовата администрација се согласи на повлекување од Ирак, а последните настани во Мумбаи и Пакистан го насочуваат фокусот на Обама во тој правец.

Она што може да ги подели партиите е економијата. Републиканците се претставуваат како фискални конзервативци. Конант вели дека Обама сака да ги зголеми трошоците на владата и да ги зголеми даноците. Тоа според него нема да оди лесно, зашто дефицитот веќе е многу голем.

Но Ричард Вулф, колумнист од Њусвик, вели дека економската криза ги принудува Републиканците на компромиси. "Очигледен став за Републиканците би бил да се спротивстават на спасувачките пакети, зашто тоа е мешање со пазарните закони. Тоа не се случува. Но, од друга страна, кој сака да биде одговорен за целосен колапс на американската автомобилска индустрија?", додава Вулф.

Републиканците, сепак, имаат прашања кои создаваат поделби во партиските редови – како што се имиграцијата и истополови бракови. Неодамна е избран имигрант од Виетнам во Конгресот, што е само уште еден доказ за зголемување на диверзитетот на Америка, што Републиканците ќе мора да го земат предвид. Изборите штотуку завршија, но партиите веќе размислуваат за следните.