Поранешен сенатор на функцијата секретар за здравство

Новоизбраниот американски претседател Барак Обама го именува поранешниот сенатор Том Дешл на функцијата секретар за здравство и здравствени услуги. Обама најави и дека Дешл ќе раководи со новата Канцеларија за здравствени реформи при Белата куќа. Тој додаде дека Дешл во ваквата двојна улога ќе раководи со изработката и примена на нов здравствен план што ќе биде достапен и финансиски прифатлив за сите Американци.

Дешл беше сенатор од сојузната држава Јужна Дакота. Тој има 25-годишно искуство во Конгресот, вклучувајќи ги 10-те години како лидер на демократите во Сенатот. Во 2004-та загуби во трката за реизбор на функцијата. Дешл досега беше во советничката група за прашања од областа на здравството во транзициониот тим на Обама, а и е автор на книга за американскиот здравствен систем.

Во моментов, околу 46 милиони Американци немаат никакво здравствено осигурување.

Дешл по повод именувањето изјави дека сегашниот здравствен систем не е одржлив, како и дека би било несовесно да продолжи сегашната ситуација со голем број на неосигурани лица. Тој кажа дека модернизацијата на здравствениот систем исто така би помогнала во заздравување на економската ситуација.