Мекормак:  Македонската влада самата донесе одлука

"Македонија очигледно самата донесе одлука да поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата“, реагираше портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак на прашање од грчки новинар за тоа дали имало комуникација или координација со САД пред македонската влада да повлече таков потег.

Мекормак истовремено ги поддржа преговорите што за спорот околу името се водат во рамки на ОН:

- И натаму го поддржуваме процесот на соработка за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за проблемот со името. Ги поддржуваме напорите на амбасадодорот Нимиц, рече Мекормак.

Портпаролот на Стејт департментот ја отфрли и новинарската импликација дека САД би се вклучиле во судскиот процес со тоа што би дале свое гледиште за случајот. Според Мекормак, „Македонија донесе сопствена одлука за која верува дека е во нејзин најдобар интерес“.

Доцна во понеделникот, посредникот на ОН во спорот со името Метју Нимиц соопшти дека добил уверување од македонската влада дека поднесувањето на тужбата нема да ја намали нејзината заложба да продолжи со процесот во рамки на ОН за изнаоѓање на решение, како и дека владата има намера наскоро да назначи нов преговарач.

На понеделничката прес-конференција по повод поднесувањето на тужбата, македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски рече дека таа се однесува на заштита на Времената спогодба од натамошни повреди, а не на прашањето за името и нема за цел да ги измести разговорите околу тоа прашање. Грчкото министерство за надворешни работи, пак, реагираше дека е подготвено да се спротистави на Македонија пред судот со сопствени аргументи.