Во петокот во Чикаго, сојузната држава Илиноис, се одржа бизнис-форум на кој македонски владин тим на чело со премиерот Никола Груевски ги изнесе економските достигнувањата и можности на државата. Посетеноста беше импозантна, интересот на присутните забележителен, а ентузијазмот на излагачите на високо ниво. Премиерот Никола Груевски дури коментираше дека форумот ги надминал неговите очекувања
За Амбасадорот на Република Македонија во САД Зоран Јолевски ова беше веќе трета можност да ја претстави Македонија на голема врата во САД. Пред шест месеци мразот беше скршен во главниот град, а изминатава недела за Македонија се говореше во бизнис-заедниците на Сан Франциско и на Чикаго.
Груевски веднаш изгради мост со американската публика. Цитирајќи го Линдон Џонсон, тој подвлече: „Ние мора да ги отвориме вратите на можности. Но, ние мора и да ги опремиме луѓето да минат низ тие врати“. Затоа, додаде Груевски, владата на Република Македонија со својот ангажман, со имплементација на реформите и со привлекување на странски инвеститори се обидува да го донесе поблиску хоризонтот на американскиот просперитет до македонските граѓани.
Вицепремиерот Зоран Ставревски даде бројки и факти на сликата за Македонија. Своето детално излагање го сумираше во неколку точки: Македонија има статус на кандидат за приклучување на ЕУ; ги исполнила НАТО-стандардите; има долгорочна макроекономска стабилност; млада, расположива и компетитивна работна сила со просечна плата од 500 американски долари месечно; пристап кон проширен пазар од 650 милиони потрошувачи; квалитетна инфраструктура; најатрактивен даночен пакет во Европа, како и влада подготвена да им помогне на постојните и идни инвеститори.
Нагласката на добра волја особено ја илустрира присуството на амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер. Тој вака ја гледа својата улога во процесот:
- Во рамки на договорот за стратешко партнерство потпишано од секретарката Рајс и министерот за надворешни работи Милошоски во мај годинава, ние сме партнери во сите сфери на развој а тоа ја вклучува и економската, комерцијалната сфера. Моето учество во оваа македонска програма беше да помогнам од американска страна, да ја претставам Македонија пред инвеститори и бизнисмени како можност за иднината, зашто САД веруваат дека постојат можности кои се добри за американскиот бизнис во Македонија и во југоисточниот европски регион. Со отворање на тие можности ние можеме да видиме корист за двете страни, Македонија и САД. Ова, очигледно, е долгорочен процес, но ни дава можност да ја претставиме Македонија на многу Американци, како и улогата што САД ја играат таму, вклучувајќи ја и нашата програма за помош од над 15 години, која обезбеди поддршка за реформите неопходни за Македонија да стане привлечна за странски инвеститори.
На бизнис-форумот беше ставен потпис на два важни документа: Меморандум за разбирање меѓу Американската агенција за меѓународен развој и Македонија 2025, како и Договорот за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Бостонскиот универзитет.