Банкарскиот гигант Ситигруп укина 50.000 работни места ширум светот

Забавената глобална економија ја принуди Ситигруп - четвртата го големина банка во САД - да укине 50.000 работни места ширум светот или 14 проценти од својата работна сила, за да ги намали трошоците за една петина. Банкарскиот гигант годинава веќе отпушти десетици илјади вработени.

Јапонија и официјално западна во рецесија. Втората најголема економија во светот, според вестите од Токио, опаднала за една десетина процент во тримесечниот период што завршил во септември.

Економските проблеми беа причина директорот на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штраус – Кан да соопшти дека на организацијата и` требаат дополнителни 100 милијарди долари во следните шест месеци за да им помогне на земјите кои ги погоди кризата.

Аналитичарите велат дека САД се на работ на рецесија, во која веќе се наоѓаат 15 земји на Европската унија.

Производството во сојузната држава Њујорк – еден од клучните економски региони – во ноември се намалило со најголем обем во последните седум години, сопшти Американската централна банка.


На дневен ред на Сенатот е предлог-мерка за помош за американската автомобилска индустрија што треба да сочува стотици илјади работни места во неа. Портпаролката на Белата куќа Дејна Перино вели претседателот Џорџ Буш е за тоа да се помогне на индустријата, но не од 700-те милијарди долари во владин пакет за спас на финансискиот сектор, како што предлага демократското мнозинство во Сенатот.

Претседателот на заминување вели дека парите треба да дојдат од претходно одобрениот заем од 25 милијарди долари за производителите со кој се поттикнуваат да понудат нови автомобили на поекономични горива.


Новозибраниот претседател Барак Обама, пак, во интервју за Си-Би-Ес потенцираше дека владата сега ќе мора да троши пари за да ја стимулира економијата, без оглед на дефицитот во наредните неколку години.