Густав крои промени во Националната конвенција на Републиканската партија

Ураганот Густав го принуди американскиот претседателски кандидат Џон Мекејн да ги ограничи плановите за Националната конвенција на неговата Републиканска партија. Собирот според планот започна денеска во Сен Пол, сојузната држава Минесота, но републикански претставници навестуваат дека ќе биде со покус дневен ред. Сенаторот Мекејн кажа дека не е соодветно да се прави партиска прослава во време кога Американците се соочени со гневот на невремето.

Сопругата на Мекејн Синди и првата американска дама Лора Буш вечерва ќе се обратат на Конвенцијата, каде ќе говорат за хуманитарните акции за отстранување на последиците од урагани, а и ќе побараат директна помош и донации.


Претседателот Буш нема да присуствува на Конвенцијата со цел да ја надгледува федералната реакција на Густав. Буш пред три години, кога удри ураганот Катрина, беше мета на критики дека бавно реагирал во ситуацијата.