САД и Полска потпишаа ракетен договор што најверојатно дополнително ќе ја разгневи Русија

Американската државна секретарка Кондолиза Рајс, која во Варшава ја потпиша спогодбата заедно со полскиот колега Радослав Сикорски, коментираше дека договорот ќе помогне обете земји да се заштитат од заканите на 21-от век:

- Ја продлабочува одбрамбената соработка меѓу Полска и САД. Тоа го чини во контекст на нашето важно членство во НАТО и заложбите еден кон друг од членот 5 од Повелбата на НАТО.

САД ќе постават не повеќе од 10 пресретнувачки проектили во Полска до 2013 година. Тие се дел од противракетниот штит што вклучува радарски центар во Чешката Република, како и веќе постојните постројки во САД, Гренланд и Британија. Вашингтон веќе долго време тврди дека штитот е неопходен за одбрана од напади со проектили од долг домет на непринципиелни земји.

Ракс во Варшава го повтори тој став:

- Се разбира дека противракетната одбрана не е насочена кон некого посебно. Ова го правиме во наша одбрана.

Русија го отфрла таквото резонирање и тврди дека штитот е со цел да ја поткопа руската ракетна готовност, како и дека претставува закана по нејзината безбедност.

Потпишувањето на спогодбата дојде во време на зголемена напнатост во односите со Русија поради судирот во Грузија и големиот западен притисок Москва целосно да ги повлече силите од грузиска територија. Прекумерниот одговор на Москва на првичната грузиска акција во Јужна Осетија нашироко се смета за руска порака до Грузија за аспирациите да стане членка на ЕУ и НАТО. На средбата на НАТО во вторникот во Брисел, Рајс рече дека не е до Русија да одлучува кој ќе се зачлени во сојузот. Во ист тон во Варшава, таа го поздрави полското членство во НАТО.


Договорот за ракетен штит меѓу Полска и САД најпрвин мора да биде ратификуван од полскиот парламент за да стапи во сила.