Рајс го прими косовскиот државен врв

Се` повеќе земји го признаваат Косово и неговата независност е факт што противниците најверојатно со време ќе го прифатат, нагласи американската државна секретарка Кондолиза Рајс по средбата во Стејт департментот со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи.

Рајс рече дека преку 40 земји, меѓу кои многу членки на НАТО и ЕУ и некои азиски и блискоисточни земји го признаа Косово, додавајќи дека ќе има и други. Таа вети натамошна американска помош и ги повика лидерите во регионот да градат мултиетничка демократија, што, според Рајс, ќе помогне на противниците да се помират со независноста на Косово.


Сејдиу и Тачи се заблагодарија на САД за поддршката за нивната земја и ветија дека ќе градат стабилна и демократска држава што ќе одржува пријателски врски со сите свои соседи. Ова е нивна прва посета откако Косово објави независност во февруари. Косовскиот државен врв во понеделник ќе се сретне и со претседателот Буш.