ДУИ демантира дека се откажала од дел од своите барања

  • Соња Трајковска
    Глас македонски

ДУИ негира дека се согласила да се одложи решавањето на прашањата за употребата на знамињата на етничките заедници и законот за полиција за возврат на влегувањето во владината коалиција.

Џевад Адеми вели дека овие прашања допрва ќе се отвораат. Признава дека на средбата меѓу лидерите Никола Груевски и Али Ахмети не било разговарано за овие прашања, но тоа според него не значи дека нема да бидта отворени:

- Двајцата лидери во начелното договарање за градење платформа на владата на Република Македонија не расправаа за оваа тема.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека за овие две прашања е ставен мораториум во следните четири години, исто како и за прашањето за територијалната поделба на Кичево.

И од ДУИ, и од ВМРО -ДПМНЕ потврдуваат дека е постигната согласност околу неколку клучни прашања за државата: името на државата, евро-атлантските интеграции, неселективност во борбата против корупцијата и сето она што го дефинира Рамковниот договор.

Адеми, пак, вели:

- Законот за употреба на јазиците да биде согласно амандманот 5 од ставот и духот на Рамковниот договор и обезбедување материјална и социјална поддршка на сите засегнати кои настрадале во конфликтот 2001-ва, вклучувајќи ги тука и семејствата на паднатите борци на ОНА.