Американскиот претседател Џорџ Буш ги посети националните гробишта во Арлингтон близу Вашингтон каде почиваат 300 илјади припадници на американските армиски сили и положи венец на Гробот на незнајниот војник.
Потребата да се брани слободата е вечна, а САД се благословени што имаат граѓани кои одговориле на повикот да се дигнат на оружје, рече Буш.
- Свет потсетник на цената на слободата е што бројот на надгробни споменици на места како ова расте со секој нов Ден на сеќавањето. Во свет каде слободата е постојано на удар, а нашата безбедност е пред предизвик, радостите на слободата напати се добиваат со жртвувањето на оние кои служат на кауза поголема од самите нив.
Овој Ден на сеќавањето паѓа во време кога американската армија веќе седма година по ред е ангажирана во битки во странство. Над 4 илјади војници загинаа во Ирак од инвазијата во 2003-та со која Садам Хусеин беше симнат од власт. Преку 500 ги загубија животите во Авганистан од 2001-ва – наваму. Преку 400 илјади американски војници паднаа како жртви во Втората светска војна, а над 100 илјади за време на Првата.
Некои американски воени кампањи уживаа поголема поддршка во домашната јавност од другите. Но, Американците се речиси едногласни во поддршката за нивните војници и благодарни за нивните жртвувања, без оглед на јавното мислење за одреден воен конфликт.