Обама на дофат до претседателската номинација

Американскиот претседателски претендент од редовите на Демократите Барак Обама, по синоќешната победа на прелиминарните избори во Орегон, изјави дека освоил мнозинство изборни делегати на досегашните избори по сојузни држави, со што е на дофат до крајната цел – добивање партиска номинација.

На сенаторот Обама сега му недостасуваат помалку од 100 изборни делегати од вкупно потребните 2.026 за да стане демократскиот кандидат за директните претседателски избори во ноември:


-Се вративме во Ајова со мнозинство делегати. На дофат сме до демократската номинација претседател на САД, рече синоќа Обама на митинг во Ајова, каде претходно годиава започна неговиот изборен поход.

Сенаторката Хилари Клинтон, пак, синоќа победи со голема разлика во Кентаки, но тоа многу не помогна да ја намали разликата. Таа е решена да остане во трката се` до последните прелиминарни избори во Порторико, Монтана и Јужна Дакота на почетокот на јуни. Синоќа им порача на гласачите во Кентаки:

-Не се откажавте од мене бидејќи знаете дека нема да се откажам од вас.

Според најнова анкета на Ројтерс и Зогби, гласачите на национално ниво го претпочитаат Обама пред републиканскиот кандидат, сенаторот Џон Мекејн, кој веќе победи на партиските прелиминарни избори и очекува да биде потврден на републиканска национална конвенција во септември. Мекејн се` повеќе го врти вниманието кон Обама, критикувајќи го дека е расположен да преговара со иранскиот и други режими – непријатели на САД. Обама реагираше дека преговорите не би биле без предуслови и го обвини Мекејн дека сака да ја продолжин досегашната, како што ја окаратеризира, неуспешна политика на претседателот Буш.