Македонија и САД потпишаа Декларација за стратешко партнерство и соработка

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс во Вашингтон потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу САД и Македонија.

Во интерес на интензивираното партнерство, САД планираат веднаш да обезбедат дополнителна помош за Македонија за изградба на просперитет, зајакнување на безбедноста и продлабочување на врските меѓу двете земји, се вели во декларацијата.

- САД силно го поддржуваат приемот на Македонија во НАТО, штом ќе се надмине спорот за името. Се надеваме дека тоа ќе се случи мошне брзо, затоа што Македонија заслужува да биде членка на НАТО, рече Рајс на церемонијата на потпишувањето.

САД и натаму ќе работат со сојузниците од НАТО за да ја одржат силната соработка на Македонија со Алијансата според постојните механизми, додека земјата чека покана за членство, се вели во декларацијата.

- Со нетрпение го очекуваме денот кога Македонија ќе служи рамо до рамо со Американците како членка на НАТО, рече Рајс.

Во заедничката декларацијата се потенцира дека обете земји очекуваат членство на Македонија што е можно побрзо.

Македонскиот министер за надворешни работи Милошоски во Вашингтон порача дека декларацијата е уште една потврда за силното американско-македонско партнерство во борба против меѓународниот тероризам, во правец на промовирање на меѓународната стабилност, со учество на македонските војници во меѓународните мисии во Ирак и во Авганистан.

- Македонија останува партнер на кој САД може да сметаат во напорите да се постигнат заедничките цели и заедничките вредности, рече Милошоски.