Хилари Клинтон победи на прелиминарните избори во Пенсилванија

Сенаторката од Њујорк го победи Обама со разлика од 10 проценти.

Клинтон во обраќањето пред симпатизерите во Филаделфија се заблагодари на поддршката и се заложи дека ќе продолжи со битката за влез во Белата куќа, без оглед на повиците да се откаже. Клинтон истакна дека поради поддршката од Пенсилванија – ситуацијата се менува.

Обама во настап во Индијана и` ја честиташе победата на Клинтон во Пенсилванија. Потоа тој го сврте вниманието кон сенаторот од Аризона Џон Мекејн, истакнувајќи дека овој најверојатен републикански претендент за претседател не нуди значајни промени од политиката на претседателот Буш, особено во однос на Ирак.

И покрај поразот во Пенсилванија, Обама се` уште води пред Клинтон во вкупниот број на освоени делегати по сојузни држави, кои на крај ќе го номинираат партискиот претседателски кандидат на конвенцијата закажана кон крајот на август.

Следни станици во претседателската трка се Индијана и Северна Каролина, каде ќе се одржат прелиминарни избори на 6-ти мај.