Претставници на меѓународната заедница во Македонија повикаа на слободни, фер и мирни избори

- Ги повикуваме сите партии да обезбедат слободни, фер и мирни избори, и на тој начин да ја изразат својата посветеност кон евро-атлантските вредности, се вели во заедничката изјава на амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, на специјалниот претставник на Европската Унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија, Ерван Фуере и на шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Џорџо Радикати.

Tројцата претставници на меѓународната заедница во Македонија порачаа дека спроведувањето на изборната кампања и на самите избори ќе биде можност Македонија целосно да ја покаже зрелоста на своите демократски институции:

- Сите политички партии имаат одговорност да обезбедат избори што ќе бидат спроведени во согласност со утврдените меѓународни стандарди. На ниту една партија не треба да и` се дозволи да ја загрози иднината на земјата преку изборни злоупотреби, измами, застрашувања, или насилство, се вели во соопштението на амбасадорите Миловановиќ и Радикати и на специјалниот претставник Фуере.

Според изјавата, меѓународната заедница ќе го набљудува периодот пред и за време на кампањата, како и гласањето на самиот ден на изборите, и внимателно ќе го следи и третманот на кандидатите во медиумите:

- Ги повикуваме партиите да обезбедат дека јавните институции, фондовите и бенефициите нема да се користат за кампањи или за други изборни цели, и јавно да ги осудат сите активности што може да му наштетат на демократскиот кредибилитет на земјата. Исто така, ги повикуваме властите да обезбедат дека сите овластени тела, вклучувајќи ја и Државната изборна комисија и Советот за радиодифузија, ќе имаат соодветен состав и фондови за да можат да ги спроведуваат своите задачи поврзани со изборите и со следењето на медиумите, се вели во заедничката изјава на американската амбасадорка Миловановиќ, на специјалниот претставник на ЕУ и на ЕК Фуере и на шефот на Мисијата на ОБСЕ, Радикати.