Како избира Америка – јавна поддршка за кандидатите од познати лица

Мајкл Мекдоналд, кој предава политички науки на Универзитетот Џорџ Мејсон ја опишува поддршката како помошно средство за гласачите да ги дефинираат кандидатите:

- Во случај гласачите да немаат многу информации за кандидатот, поддршката им помага да дознаат повеќе за ставовите на тие политичари по одредени прашања.

Дополнително, ваквата поддршка може да сигнализира решителност и други квалитети на кандидатот. На пример, претседателскиот кандидат од Демократската партија, Хилари Клинтон успеа да ги надмине предрасудите жена да биде претседател, значи и врховен командант на армијата, со тоа што доби јавна поддршка за нејзината кандидатура од најмалку 30 пензионирани адмирали и генерали.

Кандидатите бараат поддршка и од популарни личности, надевајќи се дека ќе го привлечат вниманието на медиумите, а со тоа и поголем број симпатизери. Пример е ТВ-ѕвездата Опра Винфри која даде поддршка за претседателскиот кандидат од редовите на демократите, Барак Обама:


- Имам гласано за многу републиканци, како и за демократи. Значи, во случајов не се работи за партиска определба. Ова е мошне личен избор, поради моите убедувања во способностите на Барак Обама и она што тој може да направи за Америка.

Поддршката може да има голема вредност за кампањата и поради парите што може да ги донесе за неа.

Кандидатите честопати се залагаат да добијат поддршка од довчерашните противници над кои извојувале победа во прелиминарните избори. Тоа значи поголема поддршка од редовите на партијата. Довчерашниот претседателски кандидат од Републиканската партија Мит Ромни неодамна изјави:

- Чест ми е да дадам целосна поддршка на кандидатурата на сенаторот Џон Мекејн за претседател на САД. Официјално ја поддржувам неговата кандидатура.

На кандидатите им е потребна поддршката и на интересните групи и работничките синдикати, бидејќи тие дополнително обезбедуваат гласачи од своите редови.

Сепак, политичките аналитичари велат дека ваквите поддршки немаат големо влијание врз потенцијалните гласачи. Одлучувачки фактори за тоа како Америка избира, според нив, се карактерните особини на кандидатот и неговите ставови по клучните прашања.